(видео) Не ми падна рачето во медот, Шарената револуција има причина да биде разочарана – Сарачини во Стадион

Еден од истакнатите граѓански активисти кој застана во првите редови на Шарената револуција – Петрит Сарачини вели дека ова движење која направи промена на власта, има причина да биде разочарано, бидејќи не ги оствари целите. Тој квалитет што го создаде Шарената револуција, како што кажа Сарачини во емисијата Стадион, се потроши за овие четири години владеење и објаснува зошто мисли така.

-Затоа што не успеа да го мрдне системот. Не знам, можеби власта имаше големи проблеми,  големи теми за решавање, но тоа јас лично не го сфаќам како оправдување дека не можело нешто повеќе да се направи. Разбирливо е разочарувањето на граѓаните,  дека очекувавме малку повеќе. Да го потрошиш тој капитал за лични интереси, за некои куферчиња. И тоа таа политичка елита го гледа и не реагира! Дали од неспособност, незнаење, или некој сакал да го стави рачето, не знам. Наместо да ја искористат и да покажат дека може подобро, кажа Сарачини.

По завршувањето на Шарената револуција, Петрит Сарачини беше дел од Министерството за култура, а потоа на „списокот на хонорарци“ на Владата. На јавните прозивки тој вели дека за да влезе како советник во владините институции и владата напуштил работа 2,5-3 пати поплатена.

-Си го земав за морална обврска тоа што го зборев на улица да пробам да го остварам внатре во институциите, да го смениме системот. Не можам да кажа дека успеав. Не гледаме голема квалитетна промена на системот. Шарената револуција имаше една навистина благородна мисија, порака, идеологија, која сплоти различни луѓе по многу параметри – луѓе од лев и десен политички спектар, луѓе од различни националности. Во периодот кога сум „на власт“, хонорарец, јас потрошив повеќе од половина од мојата животна заштеда. Јас не влегов со рачето во медот, туку ме затрупаа со она другото што е под медот во ќупот. Мене ова ми говори дека во општеството многу полошо поминуваат тие кои го не го ставаат рачето во медот, туку сакаат да направат нешто, а многу подобро поминуваат тие со рачето во медот и никој  со нив не се занимава. Ете, се збори за некој мед, за некои рачиња, ама никој не реагира, вели Сарачини.

Според него, многу полесно е да се плука по луѓето кои ќе покажат личен интегритет, тоа што недостасува во нашите институции. Таму, како што вели Сарачини, со чесни исклучоци работат луѓе кои доаѓаат на работа, се евидентираат со картичката и си заминуваат, а еден ја работи работата на такви четворица во администрацијата.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background