Владика Пимен: Да биде овој последен Божик во „илегала“(видео)

Суштината на Црквата е заедништвото, во собирањето на литургија на живи и конкретни личности околу својот епископ за да му благодарат на Бога за се’ што добиваат и да се соединат со Христа преку причестувањето со телото и крвта на Христа, вели Владиката Пимен, епископ Европски.

Во гостувањето во емисијата Стадион на Канал 77, Владиката Пимен зборувајќи за улогата на Црквата во овие нови времиња посочи дека сето тоа никако не може да го изведе онлајн.

„Во овој втор Божик во „илегала“, ние се придржувавме на сите препораки за однесување во Црквата, на држање на дистанца, влез на луѓето во црква спрема квадратура, со редари пред врата, секако за да не бидеме санкционирани. Но она што не можеме и не смееме да го послушаме како препорака е причестата. На првиот Велигден во услови на корона за причестата имаше препораки да се користат повеќе лажички или сосема да се забрани, но тогаш се губи суштината на Црквата. Ние не смееме да станеме една институција која само ќе го собира народот и ќе му дава прилика од надвор да запали свеќа и да го оствари својот однос со Бога. Ние не ја послушавме таа препорака, ниту во Македонија ниту во Европа, како и во другите епархии што ги имаме во дијаспората, зошто тоа е суштината и тоа е смислата на Црквата, на нашето соединување со Христа, и тука е тој бунт што можеме да го направиме, како Црква“ вели Владиката Пимен.

Во врска со модернизацијата на Црквата, според него може да се осовремени пристапот на верниците со добивање на информации или пласирање на текстови од кои што можат да се поочуваат , користење на социјални мрежи или гостување во радио или тв емисии.

„ Но онаму каде што Црквата е најконзервативна, бунтовна, нема да слушаме ничии препораки на државата, дури и по цена да треба сето тоа да го прави во некоја катакомбна црква во некои времиња подоцна,“ додава Владиката европски.

Црквата, вели Владиката Пимен, не може да се дигитализира целосно или да остане само институција која само ќе се занимава со погреби , крштевки или венчавки, зошто тоа не е суштината на Црквата, тоа се само услужни дејности.

Зборувајќи за улогата на Црквата меѓу нашите луѓе во дијаспората, конкретно во Европските земји, тој вели дека слободно може да се каже дека тука Црквата се’ повеќе станува еден сериозен фактор на обединување, во што голема улога имаат храмовите.

„ Секако дека се битни храмовите, зошто тоа се места за собирања. Јас сум на чело на епархијата од 2006 година, веќе цели 15 години. Епархијата ја затекнав со некои 23,24 црковни општини и со четири активни свештеници кои делуваа на целиот тој простор во Европа, во 12 различни црковни општини. Денес веќе имаме повеќе од 40 црковни општини низ Европа и активни имаме дваесетина свештеници. Секаде каде што има потреба да се изнајми храм или да се изгради храм, тоа и го правиме,“вели Владиката Пимен.

За овој Божик, изминатите два дена служел во Северна Италија, доста населена со наши луѓе. Во регионот на  Пиемонт, тврди Владиката, има 15.000 наши луѓе кои што живеат во еден радиус од 100 километри и коишто се обединети околу црквата „Архангел Михаил“.

„Тоа се луѓе коишто се од помладата генерација, кои се заминати од Македонија некаде од 1995 година па наваму и тоа се веќе оформени фамилијарни луѓе кои ги донеле и своите родители и затоа толку се зголемил бројот на доселени лица тука. Во овој регион нашите луѓе кои доаѓаат од североисточниот регион на Македонија, работат земјоделие, конкретно во лозарството. Додека во Пјаченца, соседната црковна општина иселени се главно од струмичко. Ако се знае фактот дека Пјаченца е една општина од околу 100.000 жители ние ги имаме евидентирано околу 7000-8000 наши луѓе во тој крај, така што сме веќе и фактор.  Затоа црквите тука се посетени, но не само туку туку и насекаде во Европа, “изјави Владиката Пимен  во гостувањето на Стадион на Канал 77.

Тој упати порака до народот да има трпение, како што имаше во изминатите две години, колку што трае пандемијата со верба дека овој Божик ќе биде последен во „илегала“.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background