Градоначалник по партиска директива или сепак и независно бива?
Неколку градоначалници во изјави за „Ноќен експрес“ на Канал 77 признаваат дека не по своја иницијатива дошле до градоначалничката функција. „Градоначалник повеќе од премиер“ беше темата на која дебатиравме во четвртото издание на емисијата која е дел од мултимедијалната платформа Радиовизија.
Од директори до инспектори, лекари, фармацевти па и актери – широк е опсегот на професии со кои некогаш се занимавале градоначалниците на градовите и општините во Република Македонија. Едни од една партија, други од друга – не дека секогаш имале амбиција да седнат во удобната градоначалничка фотелја, но велат, се е сплет на околности.
Со разноразни програми и проекти, за себе тврдат дека се авторитативни личности, чиј труд граѓаните знаеле да го оценат правилно. На темава, поразговаравме со татковците на неколку градови. Објаснуваат зошто и како да се стане градоначалник, а ги коментираат и шансите за независна кандидатура во земјава.
Почнуваме по ред, од северна Македонија.
Имено, во Куманово веќе долги години, градоначалник е лекарот Зоран Дамјановски. Ова му е трет мандат, а тој е еден од малкуте градоначалници кои идеолошки му припаѓаат на СДСМ. Дамјановски 27 години работел како специјалист во областа на гинекологијата и акушерството, но од 2005 година, кога се одржаа третите локални избори во земјава, тој не прави зафати во болница, ами во општинската зграда.
Не постои книга која ќе ве научи како да ги решавате проблемите на локалната заедница, констатира Дамјановски, но треба да имаш едукација и мноштво сознанија кои си ги стекнал надвор од формалното образование.
„Мојата желба никогаш не била да бидам градоначалник. Сплет на околности на нашата политичка сцена помеѓу 2004-2006 година и мојот авторитет како професионалец наложуваа како идеолошки припадник на СДСМ да бидам дел од изборната листа. После првата победа направив еден исчекор во политиката , па имав втор мандат во 2009 година и трет во 2013 година. Тоа е редослед на нештата, кој наложува со сите преземени активности да останеш во тој колосек на политиката. Градоначалник нема професија. Тоа е функција на која може да дојде секој без разлика на степен на своја едукација и свои сознанија. Но, во политиката пресуден момент е политичката одлука. Политичката одлука се базира на два сегмента: базичните сознанија како резултат на своите едукативни вредности кои си ги стекнал во текот на животот – основно, средно образование и факултет или кое било ниво на образование и емпирија, како резултат на она што си го стекнал од искуството во животот . Не постои книга каде што може да прочиташ како се решаваат локални проблеми. Тоа го донесуваш како одлука и тоа е резултат на твојата успешност во политиката. Донесуваш одлуки врз основа на кои народот те перцепира и ти дава доверба или таа доверба ти ја одзема“.
Неговиот имењак, Тасев, градоначалникот на Свети Николе, своето доаѓање на оваа функција го опишува како логичен тек на настаните.
„Сите работи во животот имаат редослед на настаните и мислам дека со оглед на моето искуство и тоа како се движеа работите во правец на стекнувањето на се’ повеќе вештини, сметам дека тоа беше логичен редослед на настаните. Тоа дојде само по себе. Нема рецепт за тоа како да се стане градоначалник. Едноставно, сами по себе се наметнаа работите, така што човек кој е вреден и упорен тоа и граѓаните и Господ ќе го вреднувaа и наградат. Градоначалничката работа е многу тешка, одговорна работа која бара многу време и енергија, внимание на сите детали.Треба да се изменаџира времето, но и да знаете дека немате работно време. Работите на проекти, со луѓе, решавате дневни проблематики, планирате идни проекти. Обемна и одговорна работа“.
Ако одиме малку кон југ, и таму ќе наидеме на општина на чие чело стои еден ист човек од 2005 година. Станува збор за Прилеп. Градскиот татко, Маријан Ристески по професија економист, работел како комунален инспектор, но веќе единаесетта година по ред, како што вели тој, примарна цел му е решавање на проблемите кои ги тиштат прилепчани.
„Со можноста за објавување конкурс од страна на партијата се пријавив со цел да бидам градоначалник за да можам да помогнам на своите сограѓани во решавањето на големите комунални, инфраструктурни проблеми, проблеми од аспект на култура, развој на спорт – значи се’ она што денес се случува во Прилеп и доживува развој во овие десет години. Основната цел и мотив нормално беше решавање на проблемите на граѓаните и тоа е основната функција на секој градоначалник во Македонија, но и надвор од неа. Пред се’ градоначалник се станува ако ја имате довербата кај граѓаните и со добра програма и проекти кои ќе овозможат иден развој на градот којшто би го претставувале. Јас сметам дека сепак треба да бидат одговорни и совесни луѓе, луѓе кои ќе работат 24/7 во решавање на нивните проблеми“.
Шансите за независна кандидатура во Република Македонија се прашање за кое градоначалниците ги спротивставуваат своите мислења. Додека Дамјановски оценува дека општеството ни е премногу партизирано до тој степен што ја прави невозможна независната кандидатура, Тасев и Ристески тврдат дека е важно само да уживате почит кај граѓаните.
- Најчесто во развиени демократии независните кандидати се фаворити на локално ниво. Кај нас борбата на локално ниво е на друга основа, бидејќи основа за корумпираноста и политиканството и политичката моќ на централно ниво произлегува од локалните самоуправи и затоа основа на политичките партии е да го преземат локалното владеење како услов за корупција на владеење на централно ниво. Од таа позиција немаме независни градоначалници – тие се крајно поларизирани и најчесто се од владејачката партија бидејќи се употребуваат ресурси од централно ниво за пропаганда и кампања на локално ниво што е антидемократски. Затоа, еден од основните столбови во деморкатските општества е децентрализацијата а Македонија никогаш не ја спроведе. Сите согласности се во спрега со министерствата и тоа јасно укажува дека се кочи процесот на децентрализациата, бидејќи во фундамент тоа значи непосредна улога на граѓанинот во креирање на амбиент на локалното жиовеење. Македонија ни од далеку не е во процесот на децентрализација. Не може да се оствари тоа малите партии да бидат фаворити на локално ниво – Дамјановски.
- Доколку некој од кандидатите т.е градоначалниците се покаже како добар во својата работа граѓаните тоа знаат да го оценат. Дали е од една или друга опција е многу полесно за да се дојде до кандидатурата независно дали си од редовите на позицијата или опозицијата. Има мн примери на независни кандиати кои биле избрани и биле успешни.
- На сите локални избори има можност секој да се кандидира така да, можноста за независен постои во секој град и тоа пред се’ е лично убедување на секој којшто сака да се кандидира. Мислам дека програмата е пресудна да станете градоначалник. Има случаеви независни кандидати да ја добијат довербата на граѓаните во одредени општини и градови – Ристевски.
Инаку, на локалните избори на кои домашниот електорат гласаше на 24 март и 7 април 2013, до ДИК биле поднесени 29 независни кандидатски листи за градоначалници и 94 за советници. СДСМ за разлика од сега, тогаш инсистираше да се одржат и парламентарни избори, но владејачката партија ја отфрли таквата идеја. Вообичаено и тогаш бевме домаќини на европските гости кои требаше да ги смируваат нашите политичари. На почетокот на март, пристигнаа еврокомесарот Штефан Филе, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит и поранешниот претседател на Европскиот парламент Јежи Бузек, кои потрошија неколку часа на разговори со политичките лидери. Разговорите вродија со плод – тогашниот лидер на опозицијата, Бранко Црвенковски се согласи да учествува на локалните избори, кои тој ги оцени како нелигитимни. Претседателот на ДПА, Мендух Тачи исто така јавно коментираше дека се работи за нерамноправна борба. Граѓанската асоција МОСТ пак, наведе дека највеќе нерегуларности се забележани во однос на некористење на УВ ламбата и спрејот, фотографирање на гласачките ливчиња, како и непочитување и злоупотреба на процедурата за гласање на лица кои не можат да гласаат сами.