Искуствата од Швајцарските алпи охриѓанец ги носи дома

Ретки се оние кои од како ќе заминат во странство, по неколку години се одлучуваат да се вратат назад во Македонија. Таков е примерот со охриѓанецот Горан Анѓелоски кој по години поминати во Швајцарија  носи одлука животот да го продолжи овде, но со убава намера да инвестира во туризмот  и тоа во  Куратица селото од каде што потекнуваат неговите дедовци.

По десеттина години поминати иљадници километри далеку од Охрид, во Швајцарија, охриѓанецот Горан искуствата стекнати при посетата на швајцарските алпи ги носи во Куратица, планинско село кое се наоѓа во подножјето на Плаќенска планина на дваесеттина километри оддалеченост од градот.

Заедно со своите другари од селото го промовираат како одлично место за развој на руралниот туризам кое само во 2015 година го посетиле 4000 туристи од Холандија. Традиционална храна, џип сафари тури по широките планински предели или прошетки со магариња е она што им го нудат на гостите.

„Ми дојде на идеја како може тие села кои живеат таму во планините да опстојуваат, а ние не можеме со многу поубави услови шти ги нуди самата природа. Дојдовме до една идеја со другарите во Куратица да го развиваме селскиот туризам. Сакаме преку целата година да има понуда и Куратица да ја направиме 12 месечна приказна во секој дел од годината кога ќе дојде турист да почуствува дека тука е мала организирана населба“, вели Анѓелоски.

Од Куратица сака да  направи мини зимски центар како нова атракција во охридско.
Имаат за цел да почнат да го развиваат зимскиот туризам, а за таа идеја да стане реалност пред неколку години набавиле ратрак за рамнење на снегот, над селото има услови и за мини скијачка патека од 800 метри, а во план е да постават и ски лифт. Сакаат на овој начин да ги донесат швајцарските алпи во Македонија.

„Беше идејата за поставување на еден ски лифт. Идејата потекна од едно село во Швајцарија кое беше на 800 метри надморска висина, а имаа ски лифт. И добивме понуда ски лифтот да ни биде даден за минимална сума и да го демонтираме сами. И ја покренавме таа иницијатива бидејки Куратица е на 1100 метри. Тоа во охридско би било една добра атракција и промоција на самото село“, вели Анѓелоски.

Во Куратица од 1998 година се одржува и Курајчкиот карневал кој исто така е се по препознатлив.

Без помош од државата се што досега е направено е со сопствени напори.
На прашањето дали до сега добил било каква помош од државата, Анѓелоски вели дека се што досега направил било со парите кои ги заработил во Швајцарија, ниту побарал ниту пак му било понудено нешто. Вели дека иако Швајцарија може да понуди се што еден човек може да посака, сепак се решил да се врати во родниот крај.

„За ски лифтот беше понудено дека ќе бидат подготвени некои документи, но некако не ја сфаќаат сериозни работата кога нешто ќе се вети треба да се направи. Најголемата поддршка која што ја имаме е од страна на дијаспората. Одреден дел можеби заради можностите локалната самоуправа ни излегува во пресрет за некои манифестации, но за некои поголеми проекти не можеме да зборуваме“, вели Анѓелоски.

Куратица.еу веб страна за уште подобра промоција на селото.

Куратица располага и со своја веб страница, Куратица.еу, а на влезот во селото, ќе ве дочека натпис за Куратица со знамето на Европската Унија.

Министерство за туризам ќе влијае врз развојот и на руралниот туризам.
Од Хотелската асоцијација на Македонија неодамна побараа формирање на посебно министерство за туризам во новата влада. Велат тоа ќе ја подобри комуникацијата на туристичкиот сектор со централната власт.

Крсте Блажески претседател на Хотам, вели дека тоа е многу значајно за развој на сите видови на туризам вклучувајки го и руралниот туризам.

„Тоа е пожелно и тоа треба да го имаме.Околните држави го имаат сите.Требаше тоа да се случи поодамна и малку доцниме со тоа. Тоа ќе носи поголем приход во туризмот.Созреани сме да направиме министерство за туризам , а сме имале средба и со Агенцијата за поддршка и развој на туризмот околу тоа прашање“, вели Блажески.

Наместо Швајцарија, Горан за своја дестинација за живот ја одбира Македонија.
Навраќајки се на приказната на Горан, овој млад човек вели дека почетокот бил тежок бидејки во белиот свет заминал по завршувањето на средното училиште во далечната 1992 година. Отишол со цел да заработи и да купи столарски машини со што ќе ја продолжи традицијата на своите дедовци кои се занимавале со столарскиот занает.

„Уште пред да одам имав замисла да купам машини за столарија и да ги донесам тука да си работам. Тоа го сторив иако многу не веруваа во тоа. Мислеа дека и јас како и сите печалбари кои заминаа да спечелат ќе останам. Но целта мене ми остана до крај и тоа го направив“, вели Анѓелоски.

Четирите деца на Горан иднината ја гледаат во Македонија.
Горан е татко на четири деца но вели дека тие никогаш не пројавиле желба да останат и да живеат во Швајцарија. Нивна одлука била да останат во Македонија тука да живеат, учат и да ја создаваат иднината.

„Се вклопуваме овде во фамилијарен бизнис, а тоа е столаријата, а еве сега и во Куратица правиме инвестиција во фамилијарен ресторан. Со поддршка од децата и мојата фамилија напредуваме“, вели овој охриѓанец.

Анѓелоски се надева дека ќе се реализираат плановите поради кои се вратил од Европа.

Мислењата искажани во оваа содржина, не нужно го рефлектираат ставот на Канал 77 или неговиот донатор.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background