Како влијае модерната технологија врз развојот на малите деца
Сигурно секому му се случило да му даде таблет или смартфон на мало дете, само за да го држи мирно некое време. Потоа, тоа полека почнува да преминува во навика… Стручните лица предупредуваат дека таквата постапка може драстично да го забави развојот на говорот кај малите деца.
Паметните телефони и таблетите кои им се даваат на сосема мали деца се една од причините поради кои тие сè подоцна проговоруваат и сè повеќе стануваат мрзеливи и незаинтересирани за околината. На тој начин се доведовме во ситуација да имаме армија деца кои на две или тригодишна возраст не изговараат ни мама ни тато, или толку многу се повлекуваат во свој свет што изгледа како да се аутистични, велат експертите.
„Ерата на модерната технологија, покрај развојот на технолошката комуникација, ни донесе и друг, несовршен вид комуникација која не е својствена за човекот како социјално битие. Човекот стана нем набљудувач. Кога сиот овој процес ќе го примениме на децата, покрај ’модерната храна‘, ’модерното работно време‘, ’модерното растење‘, имаме потомство кое е во сеопшто задоцнување во врска со некои одамна поставени норми“, предупредуваат логопедите.
Додаваат и дека на децата многу често им се даваат содржини на англиски јазик, што повторно е на нивна штета.
„Детето кое сè уште не го совладало мајчиниот јазик, не се препорачува да слуша содржини на странски јазик. Затоа денес имаме армија деца кои на две или три години не изговараат ни мама ни тато, но знаат да бројат или да ги изговорат боите на англиски јазик, кои најчесто опсесивно ги повторуваат, а не ги разбираат.“
Лице в лице, а не преку кликови или екрани на допир
Последично на ваквата ситуација, изостанува учењето на двонасочната комуникација, па таквите деца најчесто не умеат, односно не се научени да иницираат комуникација на адекватен, вербален начин.
Пред појавата на говорот, се развиваат цел спектар начини на комуницирање, а кои можат да се развиваат исклучиво во жива, двонасочна комуникација – лице в лице, а не преку кликови или преку екрани на допир.
Психотерапевтите сметаат дека игрите и другите содржини, кои се наменети за мали деца, се добро психолошки осмислени. Детето добива задоволство, опкружено со шарени бои. Дури добива и награда, доколку игра некоја игра и успева да ги совладува нивоата.
Се однесуваат како да се аутистични
„Од една страна имаат игри, некаков си свет кој им прчинува задоволство, а од друга страна го имаат реалниот свет, кој им е неинтересен. Соочувајќи се со таквата здодевност, тие, од мали, одвај чекаат да им се вратат на таблетот или паметниот телефон, да ги гледаат содржините кои им причинуваат задоволство. Поради таа незаинтересираност за надворешниот свет, децата почнуваат да се однесуваат како да се аутистични.“
Најмалите – само неколку минути дневно
Според зборовите на логопедите, модерниот начин на живот ги осуди родителите, на своето осуммесечно дете, како стимулативно и забавно средство, да му го нудат телефонот или таблетот, секојдневно и по повеќе часа. Сепак, модерната технологија е реалност, сеприсутна и неизбежна, затоа од неа треба да се извлече корист.
„Постојат содржини кои се корисни и кои можат благородно да влијаат врз развојот на говорот и јазикот, но се разбира, во соодветна мера и исклучиво на јазикот на средината. Таквите содржини не треба да им ги нудите повеќе од неколку минути дневно, и секако, треба да ги избирате оние кои се квалитетни и приспособени за возраста. За повозрасните деца, користењето таблет или мобилен телефон треба да се ограничат на половина час дневно“, советуваат логопедите.
Извор: Факултети