Кочов: Ќерка ми која магистрираше во Манчестер беше одбиена од УКИМ со образложение дека не знае англиски јазик

Државата за 7-8 години вложи милиони евра во студенти од Македонија, кои се образуваат во првите сто универзитети во светот. Од нив ниту еден не работи на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Овој податок во емисијата „Стадион“ го изнесе Атанас Кочов од Машинскиот факултет, кој е еден од кандидатите за нов ректор на УКИМ. Кочов смета дека интерно овој универзитет треба да се преиспита со односот кон странските универзитети, кон студентите и прифаќањето на нови кадри. Прашан за тоа каде се неговите деца Кочов низ примерот со неговата ќерка го претстави односот на УКИМ, каде конкурирала за работа и била одбиена.

-Ќерка ми студираше и магистрираше во Манчестер (Велика Британија), сега и ќе докторира, а живее и работи во Македонија. Неколку години работи во приватна фирма. Од УКИМ беше одбиена за работа со образложение дека не знае англиски јазик. Тоа стои и во билтенот, дека нема потврда за познавање на англиски јазик, а магистрираше и ќе докторира во Манчестер, дури и е асистент и предавач во Манчестер, рече Кочов.

Професорот смета дека УКИМ треба да си го преиспита односот кон младите образование кадри и отвореноста. Илустративен е податокот дека од бројните студенти кои со пари на државата студираа на стоте најдобри универзитети, ниту еден не е вработен во УКИМ.

-Македонија е единствената држава која инвестирала милиони во последипломски и докторски студии на млади. Од 2012 година е почнато ова и 7-8 години финансирале деца за последипломски и докторски студии на првите сто универзитети во странство. Од нив нема ниедно дете вработено на УКИМ. Што тоа говори?! Треба и ние да интерно да се преиспитаме. Тоа што државата го инвестира и да го собере назад да си го врати  и да го имплементира не само на УКИМ туку и на другите државни универзитети и да го подобри квалитетот на образование. Тие деца имаат направено мрежа, тие деца имаат контакти, но за жал, најголем дел од тие деца се останати во странство, рече Кочов во „Стадион“.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background