Куќите подарок од Жан Митрев – купишта цигли, даски и рамки без слики

Нема пари за реконструкција на една од куќите што општината ги доби на подарок од штипскиот кардиохирург, Жан Митрев. Средствата што ги доби преку Источно планскиот регион отидоа во Виница. Од општината велат одбиени се без образложение, од Источно планскиот регион пак, недостасувала потребната документација. Во Штип има околу дваесет стари куќи со решение за културно наследство. Додека го чекаат својот ред за некаква помош од државата, некои од нив можат да станат прашина. Познавачите на овие состојби велат, градиме лажни стари згради а вистинските бисери на староградската архитектура пропаѓаат. Законите мора да се променат.
Сторија на Весна Крстева

Цигли, даски, покуќнина, иззабени камења и рамки без слики. Така денес изгледа местото каде што пред една година беа четирите старите куќи што на општината Штип и’ ги подари кардиохирургот Жан Митрев, а сега се само руина. Од најавата дека една од куќите ќе се реконструира со средства преку Источно Планскиот регион, нема ништо. Од општината се лути на Источно планскиот регион, велат дека без образложение биле пренасочени за општина Виница.

-Почнавме да го реализираме проектот за куќите, една по една. За првата куќа аплициравме во Источно планскиот регион. Таму го добивме како  проект. Општината ги обезбеди  сите одобренија, се што е потребно за еден ваков проект. Имавме и мислење од Заводот за заштита на културните споменици а добивме и одобренија за објект од А категорија. Меѓутоа бевме известени по извесно време дека сме одбиени и дека парите се пренаменети за Виница. Не знаеме од кои причини – вели Нада Наџински, архитектк во кабинетот на штипскиот градоначалник. Од Источно планскиот регион ја кажаа причината, недостасувала документацијата.

Во овој случај за проектот наменет за реконструкција на една куќа во штипско Ново Село не беа обезбедени сите потребни документи. Автоматски за да не пропаднат средствата што планиравме да ги насочиме за тој проект, истите се пренаменети за регулација за Виничка река, бидеќи за тој проект, недостасуваа средства. Значи проектот ќе поминеше доколку општината ги обезбедеше сите потребни документи – вели директорката на Источно планскиот регион, Драгица Здравева.

За реконструкцијата на оваа куќа општината требаше да добие околу 2,4 милиони денари, дел требаше да обезбеди и општината.

За останатите три куќи, а сега во пакет и четвртата куќа подарок од Митрев, општина Штип ќе распише тендер, но поради актуелната политичката состојба во земјава, тоа можеби ќе се случи во некои подобри времиња.

Според Здравева, доколку се обезбеди потребната документација општината ќе може да конкурира за следниот, септемвриски повик.

Сопствениците на куќи, културно наследство имаат обврски, но минимални права

И додека обновувањето на овие куќи, прогласени за архитектонско културно наследство, минуваат низ бирократските лавиринти, забот на времето ќе ги дува и последните траги од овие древни изданија.

„Добра работа е што за секоја куќа со решение за културно наследство, постои и се води целокупна архива, па доколку и се планира реконструкција, можно е да се запазат сите детали“, вели директорот на Завод Музеј Штип, Зоран Читкушев.

Во Штип има околу дваесет стари куќи со типична штипска архитектура. Во државата, вели Читкушев постои дуализам во правната заштита на овие објекти. Заводот Музеј ги заштитува оние објекти кои се одобрени, но обврска за заштита на објектите имаат и сопствениците. Тие се должни да се грижат за физичката кондиција на објектот.

Државата не е толку богата за да може во исто време да работи на 20 или 30 локации. Значи грижата треба првенствено да биде насочена на сопственикот. Ние даваме решение, но тоа решение има режим на заштита и во тој режим тие сопствениците на заштитените објекти да се најдат. Ние нудиме помош во таа насока, значи стручна помош, документација и т.н. Но не можеме на сите да ги реконструираме фасадите и внатрешноста на куќите.

Се зголемува интересот за реконструкција на старите куќи

Во Штип работите тргнуваат од мртва точка. Ние помагаме на луѓето, некои фасади се обновуваат а посебно радува фактот што голем дел од граѓаните веќе имаат свест и воља да ги реконструираат куќите по оној режим на заштита што им е даден.

Така да во оној дел т.н ,,мал штипски ринг“ две семејства веќе имаат конзерваторско одобрение и дозвола за градба и тие во најскоро време треба да почнат. Во Ново Село има две семејства кои ќе почнат да работат на реконструкција и конзервација на објектите на ,,Гоце Делчев“ тројца сопственици на куќи планираат да започнат со активности.

Меѓу оние кои што сакаат да ја реконструираат куќата градена во 19 век, инаку наследство од мајка му, е Мишко Џидров – го сретнавме во Штипскиот Завод Музеј. Тука стручен тим му ги презентира можностите што ги нуди Заводот Музеј, но и кои се неговите обврски.

  • Куќата е заштитена од 2010 година и претставува културно наследство. Еве во Заводот Музеј дојдов да видам што треба да се направи околу реконструкцијата на куќата, за истата да остане во истиот изглед како што е и на тој начин да остане како културно-историски белег на Штип.

Сепак постојат и лица коишто инсистираат да се симне заштитата врз нивните куќи. Читкушев вели дека државата тешко ќе се откаже од тоа затоа што со тоа ние го губиме нашиот културен идентитет, нашата историја, нашата традиција и вредности во областа на архитектурата.

Со закон, сопствениците на заштитените куќи треба да добиваат субвенции

Во овој момент законот, таков каков што е дава можност да се помага на имателите на објекти од културно наследство, преку проекти кои ќе бидат финансирани од Министерството за култура. Читкушев смета дека тоа не е доволно.

Во таа насока треба да се формираат фондови во општините ,како и фондови при Министерствата кои стриктно ќе бидат наменети за помош на имателите на овие објекти бидејќи не е во ред државата да ставе еде објект под заштита, а да не му помага на имателот тој објект да го одржува во физичка кондиција. Значи освен обврските што ги имаат, сопствениците треба да имаат и права. Тоа нивно право да си помогне самиот на себеси треба да биде субвенционирано од државата. Така да на пример доколку некој сака да го реконструира кровот при купувањето на ќерамидите да не плаќа ДДВ, кога ќе ангажира на пр.работници да не плаќа персонален данок.

Штип заедно со Охрид, Битола Велес па и Кратово е меѓу градовите кои што имаат богато архитектонско наследство. Тоа, велат експертите, од година во година се губи, како и последните автентични куќи изградени во 19 век или првите децении на 20 век. Поради немањето план и стратегија, во последните неколку децении направена е вистинска инвазија со градби на современи објекти. Така се разнебитуваат старите чаршии, посебни стари градски јадра и автентичните градби. И сето тоа на сметка една лажна традиционална култура.

Познавачите на овие состојби велат – градиме лажни стари згради, а вистинските бисери на староградската архитектура пропаѓаат. Засега Штип се брани од таквите налети, иако некои од објектите што се градат во моментов имаат елементи несвојствени за Штип и неговото архитектонско историско минато.

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 


Во етер
Наслов
Изведувач

Background