Македонија има многу таленти, но условите за работа и развој се мизерни, вели фудбалскиот тренер Ѓоко Хаџиевски (видео)
Македонија има многу таленти, но условите за развој и работа се мизерни, вели фудбалскиот тренер Ѓоко Хаџиевски. Тој во емисијата „Стадион“ на Канал 77 истакна дека во државата политиката се има вмешано во секое поле, а сојузите ги нарече „држава во држава“.
– Условите за работа најлоши се во Македонија. Ние сакаме да бидеме на Европско и Светско но не можеме најпрво да се споредиме со соседите. Овде во првата лига, осум екипи немаат терен за тренинг така што нема што да зборуваме. Ние немаме критериуми во изборот на лица. Јас не сакам да критикувам, но кај нас сојузите се држава во држава. Треба некое тело државата да има, составено од поранешни спортисти, интелигентни, кое ќе ја регулира оваа работа. Кај нас имало претседатели кои не играле фудбал, а нас ни е потребно луѓето кои што ја претставуваат земјата да се авторитетни, кои имаат што да кажат во светот. Тогаш мислам дека ќе добиеме повеќе, УЕФА кај нас дава многу можности, но ни требаат луѓе кои ќе ги претстават нашите проекти. Нас ни треба инфраструктурна помош, чести доаѓања на стручњаци и сл, вели Хаџиевски.
Тој е дециден дека земјава надвор треба да ја претставуваат фудбалски имиња, а не на значајни фудбалски настани да одат имиња кои како што рече, до вчера не ни гледале фудбал.
Зборувајќи за лошите услови во нашите клубови, Хаџиевски вели дека спасот за клубовите е во добрата работа, правењето играчи и да живеат од продажбата на играчи.
– Во Македонија треба да има клуб кој ќе биде пример за другите, во начинот на однесување, клуб кој ќе има стратегија и другите после ќе гледаат, вели Хаџиевски.
Во „Стадион“ тој зборуваше и за времето кога бил тренер во Јапонија и Саудиска Арабија, за светското првенство и за фудбалот во Македонија.