Охрид со бизнисите на Нeфи Усеини влезе во извештајот на ЕУ во делот за корупција
„Земјата продолжува да презема проактивни истраги, гонења и конечни пресуди за случаи на корупција, вклучително и на високо ниво. Ги потврдува позитивните трендови пријавени во 2018 година. Зајакната е законодавната рамка за спречување на корупцијата. Постигнат е добар напредок преку натамошно консолидирање на евиденција за истрага, гонење и судење на случаи на корупција на високо ниво. Овие напори треба да продолжат со истата засиленост и на транспарентен начин, без оглед на позицијата или политичката припадност на осомничените “, вака Европската Комисија во својот последен извештај објавен во февруари оваа година ги оценува реформите во областа на корупцијата во нашата земја.
Според овој извештај во 2019 година има вкупно 38 осомничени обвинети главно за злоупотреба на службената власт во врска со кршење на постапките за набавки, дивоградби или нелегална продажба на државно земјиште.
Исто така во извештајот стои дека се уште има многу работа за да се зајакне состојбата со борба против корупцијата во јавните набавки. Оваа е ранлива област и може да биде подложна на корупција. Во извештајот е наведено дека со носењето на новиот закон за јавни набавки, направен е мал напредок, но потребно е да се преземат понатамошни мерки за да се спречат неправилности и корупција во процесот на јавните набавки.
Државната комисија за спречување корупција, како институција за борба против корупцијата вклучително и со проверка на средства и судир на интереси, е особено активна во спречувањето на корупцијата, стои во извештајот на ЕК.
Водена по препораките на ЕК, Антикорупциска во периодот од јануари до август 2019 година, според „Кварталниот извештај јуни – август 2019“ спорведен од страна на „Транспарентност Македонија“, доставила 500 изјави за судир на интереси и извршена е проверка на сите поднесени изјави. Во текот на јуни – август од страна на 21 службено лице било побарано мислење за постоење на сомневање за судир на интереси и за сите било дадено мислење за постоење или непостоење на судир на интереси.
Таков беше случајот кога градот Охрид објави тендер за фирма која што ќе руши дивоградби, а на истиот се појавија две фирми од кои едната во сопственост на претседателот на огранокот на ДУИ и советникот во општината, Нефи Усеини. Сопственик на пицерија сместена до заштитениот Чинар и бетонска база на крајбрежјето на Охридско Езеро, и двете дивоградби во градот под закрила на УНЕСКО. За ова Антикорупциската комисија даде заклучок дека фирмата „Нефи ИК“ која се пријавила на тендерот , не може да добива тендери од општината и општинските претпријатија. Од ДКСК, до Општина Охрид испратен беше допис со мислење дека ќе настане состојба на судир на интереси доколку општината склучи договор со правно лице каде како сопственик се јавува член на Советот на Општина Охрид, а како управител се јавува член на неговото семејство.
Државната комисија за спреување на корупцијата согласно член 72 став 3 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (,,Службен весник на Република Северна Македонија,, бр. 12/2019 од 19 јануари 2019 година), го даде следново:
„Државната комисија извести дека постои судир на интереси помеѓу Општина Охрид и јавните претпријатија и единките корисници основани од страна на општината, доколку склучиле или би склучиле договори со правни лица во кои како сопственик или управител се појавува лице кое е член на Советот на Општина Охрид. Ова од причини што, членот на Советот на Општина Охрид, во смисла на член 8 став 2 од Законот за спрчеување на корупцијата и судирот на интереси има статус на службено лице и извршува јавни овластувања и должности, а во врска со член 51 став 1 од истиот закон“, стои во мислењето на Државната комисија за спречување на корупција испратено до Општина Охрид.
Од општина Охрид, велат дека мислењето од Антикорупциска е испочитувано и дека договорите се раскинати.
„Да, беа испочитувани, беа раскинати договорите со тоа што тие тендери беа распишани во оној период пред вонредните локални избори и таа работа се завлече од старо – новата администрација или новиот градоначалник, па кога Антикорупциската комисија реагираше, исто реагираше и општина Охрид, и според член 8, став 2 од овој закон за спречување на корупција и судир на интереси го поништи тендерот, односно не се поништи тендерот се исклучи фирмата од советникот Нефи Усени од овој тендер и се разбира тендерот продолжи со второ рангираната фирма која учествуваше на оваа јавна набавка“, изјави потпаролот на Општина Охрид, Томе Џантоски.
Според јавните набавки на општина Охрид, јавно објавени на веб страницата на општината стои дека фирмата „Нефи ИК“ во сопственост на советникот Усени, не се пријавила за прв пат на општинските тендери. Во изминатите две години, од oпштинските претпријатија оваа фирма добила 8 тендери, во вредност од 225 илјади евра. Пет договори со ЈП „Охридски комуналец“, 2 со ЈП „Градски гробишта“ и 1 со ЈП „Нискоградба Охрид“. И последниот тендер добиен во месец јули минатата година преку јавно наддавање вреден над 18 илјади евра, распишан од ЈП „Нискоградба Охрид“.
„Охридски комуналец“ беше едно од јавните претпријатија на општина Охрид која го раскина договорот со советникот од редовите на ДИУ, Нефи Усеини, по барање на Антикорупциска. Во месец август на седница на УO на претпријатието донесена е одлука да бидат раскинати договорите со компанијата „Нефи ИК“ поради судир на интереси, а станувало збор за набавка на градежни материјали за одржување на депонијата „Буково“ и користење на возило со кран дигалка за сечење на опасни дрва.
По овој случај Антикорупциска продолжи да ја следи состојбата, и отвори предмет за советникот од ДУИ во општина Охрид, за дивоградбата, односно угостителскиот објект пицерија сместена во строгиот центар на охридската чаршија кај Чинарот, што претставува строго заштитено подрачје. Објектот започна да се гради во март минатата година на државно земјиште. На самиот старт доби решение од Општина Охрид дека има десет дена рок самиот да ги урне конструкцијата и платфомата, но наместо тоа четири месеци подоцна беше отворен нов угостителски објект, пицеријата „Луна“ со префикс дивоградба во центарот на Охрид. Исто така прекршок констатирала и градежната инспекција, бидејќи нема одобрение за поставување на урбана опрема за 2019 годиа, но и дека не поседува одобрение за градење на цврста градба во заштитетното од УНЕСКО подрачје.
Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска во август месец минатата година изјави дека предметот се разгледува и штом се заврши ќе даде заклучокот на Општината.
„Отворивме предмет по сопствена иницијатива во врска со информација објавена во медиумите за бесправно изградените објкети во Охрид, како заштитен град, во стариот дел од градот како заштитен град од УНЕСКО. И отворивме предмет по сопствена иницијатива во врска со информација објавена во медиумите за склучените договори за јавна набавка помеѓу општина Охрид и правни лица економски оператори за уривање на бесправно изградените објекти на територија на општина Охрид. Во делот на судир на интереси во врска со објавениот тендер за избор на фирма која ќе ги руши дивоградбите во Охрид каде што меѓу двете фирми кои доставиле понуди на тендерот е и фирмата во сопственост на членот на Советот на општина Охрид, Нефи Усени, сопственик и на пицеријата, дивоградбата кај Чинарот во Охрид, Државната комисија за спречување на корупција испрати соопштение до медиумите за ограничувањата кои се однесуваат на службените лица во соработка со правни лица во нивна сопственост или во сопственост на нивни блиски лица, а во насока да превенира потенцијален судир на интереси што ќе настанe доколку не се почитуваат тие ограничувања“, изјави во август 2019 година, на прес конференција претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска.
Во август минатата година, на седница на советот на општина Охрид пак беше изгласана одлука за мораториум за градежни активности, легализација на дивоградби и урбанистички планови, согласно препораките на УНЕСКО и Владата, кој важеше до февруари оваа година. Токму на оваа седница советникот во општината Нефи Усеини, нагласи дека не смее да има селективно рушење на дивоградбите и најави дека сам ќе ја тргне терасата од пицеријата кај Чинарот за која нагласи дека не е дивограбда.
„Не треба да биде хајка, мојата пицерија. Мојата пицерија до 2018 година беше легална, и 2019 година пак е легална зошто мојата пицерија има извод на план за кој е гласано на Совет што има урбана опрема. И затоа градоначалникот треба да ми даде одобрение за оваа година, за 2019 година. Во 2020 година пак Советот ќе одлучува каде треба да има урбана опрема, каде не треба, и ние ќе постапиме по тој закон. Иако мојата тераса не е дивограбда, и документите се комплетирани. Ако му пречи на УНЕСКО мојата дивоградба, јас ќе ја рушам сам“, изјави Усени, во август минатата година.
Истото се случи и со уште една дивоградба на Усеини во септември минатата година, односно уривањето на хотел сместен на самиот брег на Охридско езеро кое беше стопирано, по иницијатива на советникот од општината Нефи Усеини тој побара сам да го урне објкетот, за што општината му даде рок од 20 дена за отстранување на дивоградбата. Исто како и претходната дивоградба, изградена е без никакво одобрение од општина Охрид на земјиште во приватна сопственост.
Неколку месеци подоцна состојбата на терен е иста. Дивоградбите се уште не се урнати, а Нефи Усеини се уште седи на советничкото место во Советот на општина Охрид. Иницијативи за отстранување на дивоградбите на Усени, се уште не се преземени, институциите надлежни за оваа проблематика одлучија да молчат, но гласен беше извештајот на Европската комисија во кој беа нотирани забелешките за дивоградбите, јавните набавки и непотизмот.
Во телефонски разговор со советникот Усени, тој повторно го потврдува ставот кој го кажа во јавноста, дека нема дивогардби, а рушењето ќе го направи кога ќе почне да се рушат дивоградбите на крајбрежјето на Охридското езеро, каде што тврди дека ги имало многу.Нефи Усеини вели дека наскоро ќе ја добие дозволата за градба од општина Охрид, а тендерите кои некогаш ги добиваше неговата фирма, од септември минатата година повеќе не се во игра.
„Политичката атмосфера беше таква, инаку легална е пицеријата. Ќе ја добијам дозволата, сега не функционира ништо во општина овие денови, мислам дека за месец ипол ќе ја добијам дозволата од општина Охрид, не само јас туку сите ќе ја добијат дозволата“, изјави Усеини.
Во однос на јавните набавки, советникот потврдува дека договорите се раскинати уште во месец септември минатата година.
„Нема вистина во тоа, тендери јас немам во општина Охрид, тендерите ги имаат други луѓе, јас како фирма „Нефи ИК“ немам никакви тендери со општина Охрид. Тендерите кои ги имав порано ми ги поништија, и немам никакви тендери јас“, вели Усеини.
Минатиот месец Државната комисија за спречување на корупција по сопствена иницијатива објави дека ќе проверува дали Владата законски го поставила советникот од општина Охрид, Нефи Усеини за член на надзорен одбор во охридскиот Центар за социјални работи. Одлуката била потпишана од поранешниот премиер Зоран Заев, и објавена е само неколку дена пред неговото заминување од функцијата – премиер. Оваа одлука е спротивна со членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, став 4, со што лицето Нефи Усеини извршува избрана и именувана функција, член на Советот на општина Охрид, и член на орган за надзор во Центарот за социјална работа во Охрид, што е во спротивно со наведнеиот член.
Го прашавме и Советот на општина Охрид, како може да дојде до губење на мандат на советник во општината.
„ Мандатот на член на Совет ќе престане доколку самиот советник даде оставка од функцијата или настапи смрт, доколку советникот е осуден со правосилна пресуда за кривично дело за казна затвор над 6 месеци и доколку советникот биде избран на некоја од функциите кои се утврдени со закон и дојд едо ситуација на неспоивост на функцијата член на советот како и тогаш кога че му биде одземена и деловната способност или ќе престане да биде жител на општината и има едно техничко прашање дека може да му биде одземен мандатот тогаш кога нема да дојде последователно на три седници и нема да го оправда своето отсуство. Со оглед на тоа што советот решава пршања од локално значење, може да се случи и за прашање во кое советникот, или негов брачен другар или близок родина согласно законските прописи може да има финансиски или друг бенефит тогаш во тие случаи како советници ние не смееме да учествуваме во донесувањето на одлуките и затоа сме должни да го известиме советот“, изјави претседателката на Советот на општина Охрид, Живка Ангелоска.
И покрај сите работи поврзани со Нефи Усеини, тој се уште е на функција советник во општина Охрид, и според оние институции кои ја мерат правилноста на функционирање на еден член на Совет на општина, тој нема прекршено ниту една регулатива од законот со што би му донела прекинување на мандатот.
Претседателката на Советот, Ангелоска вели дека сите постапки кои важат за секој граѓанин, важат и за било кој член од Соевтот на општината.
„Законската регулатива е основата во работењето на секоја институција па и на смаиот совет. Со оглед на тоа што довербата ја даваат граѓаните, сметам дека постапувањето тогаш кога не постои законска претпоставка за отповикување, во тој случај оставено е на самата личност. Во однос на дивоградбите и тој и како секој граѓанин кој што има бесправна градба ќе биде ставен врз основа на инспекцискиот надзор, врз основа на сите постапки кои важат за секој друг граѓанин и нема да биде одземен во однос на тие постапки“, вели Ангелоска.
Според извештајот на ЕК од 2019 година, Северна Макеоднија е умерено подготвена во областа на јавните набавки, што е особено подложна на корупција. Постигнат е одреден напредок со усвојувањето на новиот Закон за јавни набавки во јануари 2019 година со што се обезбеди потранспарентен и ефективен систем за јавни набавки. Но она што треба да го направи нашата земја во текот на оваа година е да обезбеди понатамошно усогласување со директивите на ЕУ за јавни набавки од 2014 година, особено за јавно приватно партнерство, концесии и одбрана, и да се усвојат релевантните подзаконски акти на новиот Закон за јавни набавки за да се овозможи негова целосна имплементација, нерегуларностите поврзани со јавните набавки соодветно да се истражуваат, а сторителите да се санкционираат.
Герман Филков, претседател на невладината организација Центар за граѓански комуникации, кој воедно е истражувач и аналитичар во областа на доброто владеење, транспарентност и јавно трошење, вели дека на тендерите ниската цена се уште важи како критериум, а е -аукцијата е се уште доминатна. Иако со новиот закон беше предвидено да биде напуштен овој тренд.
„Последното наше истражување, значи на шест месеци ги објавуваме резултатите, на шест месеци го спроведуваме монтиторингот покажува дека на локално ниво набавките се спроведуваат како и да немаме нов закон за набавки кој важи од минатата година од април, еве веќе скоро една година, повторно ниската цена се користи како критериум иако беше толку критикувана и со неа се оправдуваа некои лоши и неквалитетни набавки, потоа е-аукцијата е се уште доминатно присутна кај 70% од тендерите, која што кога беше задолжителна беше многу критикувана, и сега повторно иако не е задолжителна повторно се применува, исто така не стивнува поништувањето на тендерите, а опаѓа понатаму и конкуренцијата, значи не можам да кажам дека нешто се менува на подобро кај набавките на локално ниво“, вели Филков.
Во борбата за корупција во јавните набавки мора секоја од институциите да си ја врши својата работа предвидена во системот, Филков вели дека како најважни алки во целиот ланец се судовите и јавното обвинителство.
„Првата институција е тука бирото, понатаму е Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија кој што исто така констатира неправилности при јавните набавки и како најважни алки мислам дека во моментов и на некој начин затајуваат можат да се споменат судовите и јавното обвинителство каде што завршуваат сите овие да кажам проблеми што ќе ги увидат овие други институции. Ова е комплексна борба затоа што многу институции се вклучени и исто така бара еден вид подобра соработка меѓу сите овие институции затоа што едните прјавуваат, а другите велат не ни се доволни овие информации и така некако случаите се заташкуваат“, потенцира Герман Филков, кој додава дека објавените јавни извештаи на иснтитуциите и водејќи се според препораките во извештајот на Европската Комисија, транспарентноста на институции е подобрена со што граѓаните имаат јасна слика за тоа како се трошат јавните пари бидејќи достапни се и договорите за јавните набавки.
Експертите оценуваат дека постојат неколку фактори кои влијаат на ризик од корупција во јавните набавки како што е правната рамка која може да дава можност за недоречености, дискрециони права за одлучување , недостаток на интегритет на определен дел од човечките ресуриси, непостоечки или слаби механзими за надзор, како и праксата за неказнивост на коруптивното однесување кај јавните набавки.
-Најголем степен од ризик на корупција имаат јавните набавки кои во просек зафаќаат од 30 до 70 отсто од општинските буџети, вели Билјана Бијкова од НВО Инфо Центар.
„Висок ризик на корупција има кај градежните дозволи, услугите кои ги нудат општините, вработувањата, дури и процесот на донесување на буџетот е со висок ризик на корупција и е само привидно партиципативен, но и релацијата општин – градоначалник, локални бизниси е ризик на корупција. Најризични точки на локално ниво се градоначалниците, инспекторите, раководителите на сектори, советниците, административните службеници кои им даваат услуги односно сервиси на граѓаните, Накусо можам да кажам дека висок ризик на корупција има секаде, а најмногу таму каде што се инволвирани парите“, вели Бејкова.
Таа порачува дека општините мора да се посветат многу повеќе на подигање на свеста, но и градење на механизми и практики за борба против корупцијата.
„Она што ние можеме на некој начин да го препорачаме и го констатираме како состојба е дека општините мора да се посветат многу повеќе на борбата против корупција затоа што дури 82 % од нив немаат никаков документ за Антикорупција, многу малку имаат развиено практики и механизми за спречување на корупцијата. Исто така мора да се подобри свесноста за корупцијата и особено за судирот на интереси бидејќи тоа е на многу ниско ниво. Заложбите во насока на спречување на корупцијата и судирот на интереси се се уште само декоративни така што покрај изработка, усвојување, воведување и спроведување на антикорупциски политики, мора да се работи и на градење и спроведување механизми и практики кои што ќе водат во суштина кон спречување на корупцијата, почитување на етичките стандарди, отчетното и транспарентно владеење“, порачува Бејкова.
Корупцијата во локалната самоуправа најчесто е детектирана при вработувањето, работата на инспекциските служби, доделување на јавните набавки и градежни дозволи. Градоначалниците спаѓаат во категорија најподлежни на корупција, а по нив се советниците, инспекторите и општинската администрација.
Во однос на информираноста за работата на локалнатата самоуправа, праксата покажала дека жителите на малите општини се поинформирани за разлика од оние кои живеат во поголемите општини, а тоа се препишува на тоа што граѓаните имаат повеќе информации за работата на општините, бидејќи и лично ги познаваат носителите на јавните функции.
Во согласност со истражувањата за перцепцијата на граѓаните за корупцијата спроведени од ДСКСК, но и на граѓански организации, граѓаните знаат да ја препознаат корупцијата во сите нејзини облици, но исто така според општата перцепција на граѓаните корупцијата е присутна во одредени сектори во јавната администрација. Врз основа на овие податоци потребен е системски пристап за информирање на јавноста за сите облици на корупција како и штетноста од неа. Јакнење на свеста на граѓаните е од исклучително значење за справување со негативните општествени појави како и едукација на јавноста.