Решенија со поминат рок за жалба ја полнат државната каса
Одбиените земјоделци, кои бараат директна помош од државата, позната како субвенции, се жалат дека решенијата со кои се одбиени, ги добиваат со задоцнување и со поминат рок за покренување постапка. Земјоделските здруженија пак тврдат дека земјоделците немаат ни пари ни време да покренуваат судска постапка преку која ќе ги добијат парите што законски им следуваат. Институциите објаснуваат дека земјоделците може да ги остварат своите права само треба да бидат поупорни.
„Се одбива барањето за финансиска поддршка од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството. Решението стапува во сила од неговото донесување, а поведувањето на управниот спор, не го одлага извршувањето на решението“.
Ова е дел од содржината на писмото, што сточар го достави во нашата редакција. Земјоделецот, според решението нема право на жалба по ова решение, но во рок од еден месец може да поведе спор пред Управниот суд. Писмото на неговата адреса стигнало два дена по изминувањето на едномесечниот рок за поведување спор пред суд. Земјоделските здруженија велат дека доцнењето на решенијата, со кои се одбиваат земјоделците за директна државна помош е честа практика. Според Ристо Велков од Регионалниот синдикат на земјоделските производители, ретко кој од одбиените се решава да троши време и пари на спор, кој може да трае и две три години за конечно да добие субвенции.
-Не може да се покрене законска постапка. Законскиот временски рок во кој земјоделците треба да поднесат приговор е нарушен, бидејќи тие решенија стигнуваат најмалку шест месеци или една година подоцна. Самата законска регулатива не му овозможува на земјоделецот да се жали, бидејќи законската рамка е еден месец за земјоделецот да покрене постапка во врска со причините поради кои не добил субвенции – дали е тоа неуредна апликација или некоја друга проблематика, вели Велков.
Има простор за правна битка
Велков тврди дека меѓу земјоделците, кои немаат добиено субвенции за 2011, 2012 и 2013 – та година има голем број на одбиени поради административно – правните лавиринти во кои се нашле. Зафатените земјоделци немаат ниту време, а ни воља да тргнат по административните врати. Меѓутоа, адвокатот од Штип, Маринчо Маролов, кој веќе добил неколку спорови во име на земјоделци , кои прво биле одбиени за субвенции, смета дека има простор за битка. Треба да се читаат роковите за покренување постапки, за почеток, вели.
-Рокот се смета од денот на добивањето на решението, на кое, незадоволниот земјоделец има право да поведе управен спор пред надлежниот суд во Скопје. Решавањето на Платежната агенција, во рок наведен во решението, не значи дека рокот за поднесување на жалба пред Управниот суд почнува да тече од денот на решавањето. Рокот за жалење почнува од рокот на добивање на решението. Тој датум е на пликот, појаснува адвокатот Маролов.
Самата законска регулатива не му овозможува на земјоделецот да се жали, бидејќи законската рамка е еден месец за земјоделецот да покрене постапка во врска со причините поради кои не добил субвенции. Ристо Велков, Земјоделски синдикат
Земјоделците не можат да платат консултанти
Меѓутоа, Велков од Земјоделскиот синдикат одговора дека земјоделците не можат постојано да ги следат новините и наметнатите административни правила од Платежната агенција. Ниту пак можат да си дозволат да платат консултант кој ќе се занимава со административно – правна работа.
-Обично одговорот од институциите е препорака да се јавиме на одреден телефонски број. Мислам дека проблемот е токму во институциите, иако може некој дел од вината да имаат и земјоделските производители, да имаат неправилна постапка при аплицирањето или неизмирени долгови, изјави Велков.
Адвокатот Маролов е уверен дека можеби земјоделците се правно неуки странки, кои тешко решаваат да покренат спор пред Управниот суд, но, смета дека има правда за земјоделците, судејќи од досега решените предмети.
Искуството на земјоделците е дека напливот на решенија со кои се одбива директната парична помош во земјоделството е во деновите пред празници, како пред Нова Година. Велат, некој помеѓу празници ќе треба да оди по институциите и да „брка“ рокови.
-Управниот суд се има позитивно признесено по нашето барање. Ги укинува решенијата на Агенцијата за финансиска поддршка и донесува решение со кое ја задолжува да ги исправи конкретните незаконитости во постапката и по тие пресуди агенцијата постапува повторно и ги уважува тужбените побарувања на земјоделците. Конкретно, имаме предмет за финансиска поддршка за овошни насади, каде што им беше иплаќана помала финансиска поддршка од онаа што е предвидена со уредбата на владата и по решението од Управниот суд, агенцијата ги корегираше тие износи и им ја исплати комплетната поддршка, изјави Маролов.
Наплив на решенија за одбивање пред празници
Искуството на земјоделците е дека напливот на решенија со кои се одбива директната парична помош во земјоделството е во деновите пред празници, како пред Нова Година. Велат, некој помеѓу празници ќе треба да оди по институциите и да „брка“ рокови. Оваа исцрпувачка трка со администрацијата, најчесто ги обесхрабрува и остануваат без помош. Од Платежната агенција упатуваат на правните процедури кои им се на располагање на корисниците. И покрај упорните телефонски повици од наша страна од директорката Билјана Вуковиќ не добивме одговор зошто доцнат решенијата. Во едно од телевизиските интервјуа, Вуковиќ објаснува дека често се случваат административни пропусти во документацијата на земјоделците кои бараат субвенции, но дека им се дава простор за исправка.
- По изминувањето на рокот за пријавување, следи еден месец, рок на проверка во кој земјоделците можат да вршат корекција на барањето што го доставиле до подрачните единици на МЗШ. Доколку мсетаат дека некој податок погрешно е внесен, дека не пријавиле како што е состојбата на терен, можат да извршат корекција на сопственото барање и по тој месец, апликациите доаѓаат на обработка во Агенцијата. Се врши административна обработка на барањата, се врши контрола ба терен и по контролата се вршат исплатите, кажа Вуковиќ.
Новата власт да мисли на земјоделците ако сака леб за сите
Во решенијата со кои се одбиваат за субвенции, најчесто стои дека е поради некаков административен пропуст, како непријавување на состојбата на стадото, неажурирање на податоците односно поради тоа што земјоделците не ја обновиле докумантацијата.
Вкупно 137, 4 милиони евра директна помош за земјоделците од државниот буџет се планирани за 2017 година. Исплатата по одобрувањето, според законот е крајот на јуни во тековната година. Како што велат земјоделците, кој како ќе има среќа. Во тие административни лавиринти, земјоделците губат илјадници евра. Ристо Велков предупредува – „Кој и да мисли да дојде на власт, треба да мисли на земјоделците, затоа што Македонија е топично земјоделска земја. Додека беше земјоделска држава, имаше леб за сите“.
Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија.