Тема во денешниот „Стадион“ на „Канал 77“ беше коронавирусот – состојбата, мерките и што и како по пандемијата (ВИДЕО)
За коронавирусот со кој досега во светот се инфицирани повеќе од два милиона луѓе, од кои повеќе од 150.000 починаа, неизвесноста во кој правец ќе се одвиваат работите, состојбата со вирусот во Македонија, преземените мерки – дали се соодветни или не, дали се престроги или не, ќе биде ли се’ исто по сето ова што се случува во иднина во светот и во Македонија, беше темата на која денес се зборуваше во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“. Водителот Столе Наумов разговараше со докторите Вело Марковски и Владимир Аврамовски, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, професорот на Факултетот за безбедност, Марјан Ѓуровски и со митрополитот Пимен.
Професорот Марковски истакна дека наскоро не треба да се надеваме на вакцина зашто и да се најде, ќе треба време да се провери. Зборуваше и за лошите искуства со респираторите, кои, според него, се потребни, но првин што подолго треба да му се даде шанса на организмот да се избори сам, па дури ако мора, како крајна мерка да се користи респираторот. Тој смета и оти заштитна маска треба да носи човек што има некаква тегоба. Инаку, маската можела да направи само штета.
Неговиот колега, пак, Аврамовски рече дека уште кога пандемијата пламнала во Кина бил свесен за сериозноста на тој вирус. Нагласи и оти е важно да се внимава за да не дојдеме во ситуација, во каква што дојдоа некои развиени европски земји, целокупниот здравствен систем да се блокира.
Градоначалникот на Куманово зборуваше за состојбата во која се најдоа градот и општината.
– Уште кога имавме три позитивни случаи, а не повеќе од 300 како сега, веднаш побаравме зголемување на мерките според примерот на Дебар. За жал, немаше разбирање. Потоа бројката почна да расте, а беа лоцирани и повеќе центри на контаминација. Пак побаравме поригорозни мерки. Но, повеќе се водеше политика отколку што се работеше на терен. Општината е таа што постапува согласно уредбите што ги носи владата и ние сме ограничени во своето делување. Ако во Дебар се вклучи целата државна машинерија – Дирекцијата за заштита и спасување, армијата, полицијата, сите државни институции и ресурси, зошто тоа не се случи и во Куманово? Прашањето треба да им се постави на тие што ја водат оваа постапка, а тоа во моментот се Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство и Главниот кризен штаб – рече Димитриевски.
Марјан Ѓуровски зборуваше за тоа како состојбата со коронавирусот ќе влијае на глобалните светски текови на економски, политички и безбедносен план и како, според него, треба да се однесува Македонија.
– Не смееме да дозволиме оваа здрваствена криза да прерасне во безбедносна, особено што последиците од пандемијата ќе бидат најголеми во економијата. Ни’ се случува глобален пораз на сите меѓународни организации и голема криза во мултилатералните односи, а тоа мислам дека ќе доведе до процес на деглобализација, до преиспитување на сите јавни политики – истакна Ѓуровски.
Владиката Пимен повика верниците на Воскресението Христово вечер со молитвите да останат дома, да ги почитуваат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот и да се помолат што побрзо животот да се врати во нормала.