ФК „Брегалница“ и како второлигаш доби 200.000 евра од Општината Штип

Над 195.000 евра граѓански пари во 2019 година ќе бидат потрошени за ФК “Брегалница“ од Штип. Клубот е второлигаш, кој заврши на петтото место по есенската сезона во Втората фудбалска лига – Исток. Сегашната локална власт на СДСМ, која од улога на опозиција го критикуваше ВМРО ДПМНЕ дека за три години потрошило милион евра за второлигаш, сега го прави истото – граѓанскиот спортски денар завршува на едно место, клуб со слаби изгледи да игра со најдобрите.

Најдобриот спортист на Македонија Емил Павлов, е штипјанец, кој ги донесе сите ловорки и на градот. Меѓутоа, Штип не вложува во овој спортист. Граѓанските пари за спорт, градот ги насочува кон фудбалскиот клуб ,“Брегалница““, второлигаш, кој сезоната ја заврши на петтото место. Од предвидените 15,3 милиони денари за спорт, дури 12 милиони се пари за “Брегалница“. А клубот одамна излезе од прва лига. Спортските работници проценуваат дека и со сите вложувања, “Брегалница“ тешко дека ќе успее да се врати во Првата лига, бидејќи петмина фудбалери, кои беа основата на клубот, си заминаа. Тогаш, зошто скоро сите пари за спортот во Штип да одат во ФК “Брегалница“, е логичкото прашање што пред повеќе од една година го поставуваше социјалдемократот Јане Миланов како опозиционер.

-Излегувањето на Брегалница од Првата лига предизвика револт и разочарување кај граѓаните и љубителите на спортот во Штип, бидејќи овој некогашен фудбалски град се претвори во фудбалска провинција.Дополнителен револт кај граѓаните предизвикува фактот што дури 90% од средствата за спорт од општинскиот Буџет, одат на сметка на Брегалница. Тоа се околу 300.000 евра годишно, односно, околу еден милион евра за три години, пари на граѓаните, зборуваше Миланов како опозиција.

Брегалница останува проблем на градот

Деновиве како претседател на Советот на Општината Штип, заедно со колегите ја донесе одлуката, со која од Буџетот на Општината Штип за 2019 година, на иститот тој второлигаш, му се даваат 195.000 евра за работа. Сега, од оваа позиција на власт, реториката се смени.

-„Брегалница“ беше и останува и понатаму проблем на целиот град. Кога велам проблем, велам проблем ,за жал. Она што сите го очекуваме и ние како власт во овој град, е дека „Брегалница“ за парите што ги добива ќе почне да испорачува резултати. Така што, ќе се сложиме сите, дека не може да се крене раце од клубот, вели Миланов.

Улогите се сменија. По десетгодишното владеење со градот, ВМРО ДПМНЕ се најде во ситуација да ги критикува резултатите на клубот, кој безрезервно го поддржуваше, па имаше и години како кога клубот излезе од Првата лига, а беа издвоени 304.000 евра за неговото работење. Речиси идентични износи се давани и во претходните години. Љубе Здравков од ВМРО ДПМНЕ, вели дека “Брегалница“ навистина е градски клуб во сопственост на Општината, но играчите не испорачуваат резултати за вложените пари.

-Значи на некој начин, општината е задолжена да врши финансирање на Брегалница, но како фидбек треба да има и резултати, кои ќе го оправдаат тоа вложување. Меѓутоа, тоа до сега не се покажа како успешно, односно Брегалница парите кои ги добива не соодејствуваат со нивиот резултат. Веќе втора сезона Брегалница кубури во Втора лига, а средствата кои се даваат, се средства за Прва лига. Средствата што се добиваат се над 200.000 евра, а немаме до сега извештај да видиме како и каде се потрошени тие средства, немаме ништо,изјави Здравков.

На прашањето зошто кога беа власт не штедеа пари за овој второлигаш, Здравков одговори:

-ФК „Брегалница“ тогаш беше во Прва лига, беше репектабилен клуб, една година беше на петто место, историски успех, и самото вложување беше скоро на исто ново како и сега. Значи, тука некаде меѓу 12 и 15 милиони за сезона. Сепак, Прва лига е Прва лига, и тие средства тогаш Општината не само што ги даваше од морален аспект, затоа што е сопственик на самиот клуб, туку и за постигнување на успеси. „Брегалница“ тогаш се реваншира за вложеното со успесите што ги имаше, рече Здравков.

На последната седница на Советот на Општината, заедно со Буџетот помина барањето на АД ФК „Брегалница 2008“ за финансирање на клубот. И тоа нема да бидат единствените средства што ги добива “Брегалница“ од граѓаните. Дополнителни три милиони денари се одвојуваат за ЈП Исар за одржување на стадионот каде игра “Брегалница“. Миланов добро пресмета како опозиционер – милион евра се минималните вложувања за три години.

А што велат фактите?

“Брегалница“ според последниот извештај што го има поднесено во 2017 година, должи за извршни решенија на играчи на кои им го раскинале договорот, должи на фирми за транспорт, храна, здравствени услуги, угостителски објекти, за опрема, струја, обезбедување.Клубот плаќал и на нотар, извршител и адвокат, или вкупно кон добавувачи во земјата должи 1.300.000 денари. “Брегалница“ должела и на играчи, а и кон ФФМ – над 433.000 денари. Актуелниот спортски директор Елмир Мандак вели дека сега долговите изнесуваат четири и пол милиони денари.

-Тоа е долг од претходното раководство, меѓутоа, ние дел по дел ги решаваме тие проблеми, ги разрешуваме обврските кои стигнуваат и дополнителните фактури во текот на годината, кои не беа пријавени од претходното раководство, меѓутоа, ние со едно транспарентното, домаќинско работење и со текот на времето ќе ги расчистиме тие долгови, вели Мандак.

 

За тоа како работеше клубот од кога го презеде новата управа назначена од локалната власт предводена од СДСМ, првиот извештај ќе се види на почетокот на 2019 година, бидејќи раководството смета дека нема обврска да поднесува квартални извештаи за работењето.

Општината Штип, како единствен акционер, на први март 2018 година го добила извештајот за финансиското работење на АД ФК “Брегалница 2008“ и истиот ден е склучено договор за ревизија со „ДОО ревизија, проценка и финансиски консалтинг Б и Љ Боро и Љупчо“ од Скопје. Според документот, финанската ревизија ја нарачува АД ФК “Брегалница 2008“, а ја плаќа Општината Штип. Финансиската ревизија е договорена за 1000 евра. Но, што нашла ревизијата, јавноста не дозна. Ревизорите според договорите, имаат 14 дена да ја изготват ревизијата, што значи дека резултатите требало да бидат познати на крајот од март. Што нашла ревизија во март, не му беше познато на претседателот на Советот, Јане Миланов, вчера (27.12.2018) кога го прашавме.

-Јас денес го добив документот, така што се’ уште не сум успеал да го погледнам и се надевам, во догледно време ќе можам да одговорам на ова прашање, кога ќе ги погледнам сите наоди, изјави Миланов.

На ова прашање не одговрија ни од Општината Штип. Во текот на предизборната кампања за локалните избори, сегашниот граодначалник Благој Бочварски ветуваше пари за спортот.

-Пари за спортот ќе има. Колку и да се парите, тие правилно ќе бидат распоредени. За ФК “Брегалница“ која привлекува најмногу гледачи од сите спортови, ќе се оди на приватизација при што јасно ќе бидат дефинирани правата и обврските на двете страни, рече тогаш Бочварски.

Се’ е по старо

Една година подоцна се’ е по старо. Клубот се’ уште не е приватизиран, и е во Втора лига- Исток. Општината Штип е единствнениот акционер по пропаднатиот обид пред две – три години да се продадат акциите на берза. Спортскиот директор Елмир Мандак решението го гледа во влез на инвеститор и приватизација.

-Најреално е клубот да се приватизира, по пример на повеќе клубови, како Силекс, Шкендија и да не набројувам. Меѓутоа, се’ додека не се најде решение, Општината стои зад клубот и ќе го финансира се’ до пронаоѓање на спонзори. Ние како Општина сме отворени за сите заинтересирани спонзори, кои сакаат да ја земат „Брегалница“, но секако нема да ја даваме на секој, како што имаше претходни несериозни обиди како што беше со влезот на турскиот инвеститор, кој ништо не вложи, вели Мандак.

За приватизација во Општината засега не се зборува, но затоа пак за 13.000 евра е нарачан и изработен проект за реконструкција на стадионот, каде се предвидува и изградба на хотел. Градскиот стадион е на атрактивно земјиште. Еден од поранешните градочалници имаше идеја стадионот да го дислоцира и тоа место да се продаде на инвеститор за изградба на станови. При презентацијата на проектот градоначалникот Бочарски не прецизираше од каде пари, но спомена дека во игра е и јавно – приватно партнерство. А, само пред две години, на тој стадион УЕФА вложи 400.000 евра во реконструкција. Амбициозно се најавуваше дека во Штип ќе се игра европски фудбал.

Штип заслужува модерен стадион според најсовремени стандарди.Затоа започнавме со проектирање на целосно нов Градски стадион во Штип, со капацитет од околу 6000 гледачи според ФИФА 3 стандардите, каде ќе биде вклучен и хотелски комплекс во непосредна близина.

Gepostet von Bocvarski Blagoj am Mittwoch, 7. November 2018

Наместо европски, на тој стадион се игра вторологашки фудбал, што градот секоја години дебело го плаќа. Веројатно советникот во три мандати, Зоран Костов знаеше најдобра дијагноза и визија за “Брегалница“.

-Некои луѓе кои се далеку од фудбалот почнаа да доаѓаат во “Брегалница“ мислејќи дека тоа е некаква златна кокошка и дека таму се прават бизниси. И голем дел од досегашните раководства во клубот одеа со таква намера. Јас мислам дека ФК „“Брегалница““ тоне и нема да се спаси. Се сомневам и во вистинитоста на она што се прикажува во финансиските извештаи затоа што знам за барем една донација што не фигурира во ниту извештај за работењето на клубот“, беше изјавата на Зоран Костовски, на крајот од неговиот трет мандат(2016).

Во програмата за спорт Општината Штип предвидува 15.350.000 денари. Од тоа, 12 милиони се наменети за Брегалница. Во табелата подолу, за тоа како се распоредуваат средствата.

 

Текстот е дел од проектот „Македонија не е само Скопје“, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background