Ќе стивне ли детскиот џагор во уште еден од штипските паркови

Откако општината на приватен инвеститор му продаде земјиште во една од најубавите населби во градот „Осми ноември“, активисти тврдат  дека за продажба се крчка земјиштето на кое се наоѓа паркот во близина на полициската станица. Од Општината децидни – на таа локација нема да се гради.

Децата на станарите од зградите околу полициската станица во Штип, веќе нема да можат да си играат во паркот во нивното маало. Нивниот џагор ќе го замени звукот од автомобилите кои ќе се паркираат во катната гаража, што треба да никне на местото на зелената површина, која и онака е една од ретките во централното градско подрачје. Со ваков став во јавноста излегоа дел од локалните граѓански активисти. Според нив, Општина Штип направила измена во Деталниот урбанистички план, која предвидува нова градежна парцела.

Активистот, Горан Трајков истакнува дека оваа измена е со важност до 2017 година.

„Се работи за измена на делот на Бело брдо во централното градско подрачје, во паркот кај полицијата. Станува збор за нова градежна парцела, или поточно катна гаража. Детското игралиште и самиот парк е до стариот градски пазар, а тука веќе е поставена маркицата за продажба на самото земјиште кое е во квота од 900 метри квадратни. Она што мора да го знаат граѓаните е дека при изготвување на овој план или измена на ДУП е со важност до 2017 година и ние како граѓани мора да реагираме ако сакаме да го зачуваме ова детско игралиште, кое е загрозено. Важно е дека согласноста за градба на оваа парцела не е издадена од овие група на луѓе коишто  живеат во оваа зграда до полициската станица, туку од станарите од 2 околни  згради“, изјави Трајков кој заедно со другите активисти се обиде да ги информира засегнатите станари за измената во ДУП – от.

Средбата во паркот, сепак заврши со расправии. Станарите бесно коментираа дека се работи за приврзаници на опозицијата кои се дојдени да ја оцрнат работата на локалната самоуправа, а нашата екипа исто така наиде на обвинувања.

Како и да е, од кабинетот на штипскиот градоначалник, Илчо Захариев ја негираа оваа информација.

„Катна гаража покрај полицијата, најодговорно тврдиме како општина дека нема да се гради. Ниту било поставено прашање да се гради, ниту ќе се гради. Градбата на таа катна гаража како парцела не постои во ниедна наша објава како парцела , а за да треба да се гради треба да има одлука на Совет и да биде сотавено како парцела за продажба. Такво нешто нема  – општина Штип тврди дека нема да се гради катна гаража кај полициската станица. Општината никогаш нема праќано луѓе да се консултираат со станарите во околните згради, тоа е чиста шпекулација“, нагласува Нада Наџинска, претставничка од кабинетот.

Иако активистите негодуваат бидејќи, како што велат, станарите не биле консултирани , Законот не ги обврзува општините да бараат согласност за вакви прашања.

Од невладината „Плоштад Слобода“ коментираат дека реакциите на штипјани сепак не изненадуваат, бидејќи, потенцираат тие, во Македонија се’ уште е мала јавната свест за чиста животна средина. Според Никола Наумовски од оваа организација, општините неретко ги злоупотребуваат Деталните урбанистички планови, чии измени се прават согласно интересите на бизнисмените.

„Многу е ниска свеста кај луѓето за значењето на деталните урбанистички планови, игнорирано е уште во школо, на децата не им се кажува за вредноста на заедничкото, за просторот околу нас дека има припаѓа на сите дека не може да се уништува со коли наместо со паркови. Кога ќе се појавите кај луѓето да им зборите за паркови помислуваат дека е тоа космичка борба меѓу Груевски и Заев и не сфаќаат дека е нивен суштински интерес да живеат во маало ослободено од загадена животна средина. Тоа е случај и во другите градови, се сомневаат дека сме странски службеници кои се дојдени да ја уништат држават. Општините многу ги злоупотребуваат дуповите и најчесто се солидарни со бизнисите, а не со граѓаните. Дуповите се прават за да им овозможат на инвеститорите да градат што е можно повисоко и пошироко во своите парцели. Бизнисот и профитот  е најважен фактор во донесувањето на одлуките“, истакнува Наумовски.

Со оглед на тоа дека граѓаните не поверуваа дека паркот ќе биде уништен, информацијата за продажба на земјиштето како да остана во сенка. За разлика од сега, штипјани летово организираа протести под мотото „Паркот не го даваме“. Излегувајќи на улица тие се побунија против уништувањето на зелената површина во населбата Осми ноември, во замена за деловен објект на приватен инвеститор.

Општината тогаш тврдеше дека се’ е согласно Детално урбанистичкиот план , па градежните активности на оваа локација  течат веќе со месеци.

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 


Во етер
Наслов
Изведувач

Background