Kлубoт „Ванчо Михајлов“ во голема мера е негативно за се што е постигнато, вели бугарскиот историчар Стефан Дечев за Клубот Ванчо Михајлов во Битола
По новоформираниот Клуб за македонско-бугарско пријателство бугарскиот историчар Стефан Дечев, кој е и член на истиот, вели оти во Македонија веројатно имаше попозитивни реакции за клубот отколку во Бугарија. Таму тој вели дека реакциите генерално се неутрални и исчекувачки.
– Клубот за пријателство тргнува од „дијагнозата“ која ние ја поставивме за македонско-бугарските односи особено во последните две години кога се влошија односите. Членовите на клубот, според повелбата, констатираат дека лошите односи се должат на декларациите во двата парламенти кои исцртуваат црвени линии за двете влади, а од друга страна се разминуваат за современите социјални и хуманитарни науки иисториографијата. Со ова политиката на непрофесионален и лош начин се меша во науката, вели Дечев.
Членовите на клубот констатирале и дека во академските средини во двете земји преовладува мејнстрим националистички и едностран поглед, кој како што вели Дечев влијае лошо врз меѓусебните односи. Дополнително и во медиумите во двете држави според нив преовладувале националистички, негативни ставови кон другата страна.
За ваквата алтернативна историска комисија, Дечев вели дека е убеден оти ако се соберат вистински професионалци и експерти преку дијалог и дебата ќе можат да стигнат до резултати.
На прашањето што мисли тој за отварањето на Клубот Ванчо Михајлов во Битола, Дечев одговори дека смета оти во голема мера е негативно за она што е досега постигнатото и за добриот дијалог меѓу премиерите Петков и Ковачевски.